Истражувања

ИСТРАЖУВАЊЕ ЗА ЈАВНОТО МИСЛЕЊЕ КАЈ РОМИТЕ ЗА РЕФЕРЕНДУМОТ

Во ова истражување се прикажани резултатите од испитувањето на јавното мислење, кое го спроведе Ромалитико за претстојниот референдум предвиден за 30.09.2018 година. Истражувањето го испита јавното мислење, преку интернет анкета составена од 15 прашања, првиот дел од анкетата се состоеше од 5 прашања кои беа поврзани со демографски информации, каде што првото прашање беше контролно прашање за идентификација дали испитаниците припаѓаат на Ромската заедница. Вториот дел се состоеше од 3 прашања поврзани со генералната политичка ситуација во државата. Третиот дел составен од 7 прашања, беше наменет за прашања поврзани со преспанскиот договор, интеграцијата на Македонија во Европска Унија и НАТО алијансата. Испитувањето на јавното мислење е спроведено преку online анкета користејќи ги услугите на Survey Monkey во периодот од 29 август до 20 септември 2018 година.

Интернет (онлајн) анкетирањето претставува еден од најновите и најмодерните истражувачки алатки за испитување на јавното мислење. Анкетите го испитуваат мнението на различни теми во зависност на темата и интересот на истражувањата. Најчесто овие анкети се користат за истражување на мислењето поврзано со теми како што се здравство, економија и политика со цел да генерира различна дескриптивна или инференцијална статистика.

Ромалитико за прв пат спроведе онлајн анкета во 2014 година за да го испита јавното мислење на Ромите во Република Македонија за ромските политички партии и нивното досегашно дејствување. Традиционално, Ромалитико продолжува да ги следи сите општествено-политички случувања и трендови во државата со специјален фокус на Ромската заедница. Посебен фокус, Ромалитико посветува во истражувањата и анализите поврзани со изборите во државата, референдуми и останати демократски механизми кои можат да бидат измерени. Примарна цел на оваа анкета е да го испита мислењето на ромската заедница односно таргетот е ромската средна класа, бидејќи токму оваа група се смета дека е двигател на промените во општеството и помалку подложна на манипулации. Првичната претпоставка на ова истражување се базира на веќе претходни истражувања (Ncube, 2011); (Dunlap, 2008), кои ја таргетираат токму онаа популација која има повеќе од 18 години и има пристап до интернет односно т.н. ромска средна класа. Ромалитико со ова истражување внесе нова димензија во политичката состојба на ромскиот електорат кои се од заедничка важност за јавноста, ромските политички партии и другите засегнати страни. Анализирањето на ова истражување исто така има за цел да отвори дебата за резултатите.

 

Методологија

Ромалитико ја избра својата Facebook страница која брое 1469 членови и претставува ресурс на активни корисници Роми кои ја следат работата на Ромалитико и ситуацијата на Ромите во Македонија. Оваа страница има членови кои ги исполнуваат критериумите за пополнување на оваа анкета а тој примерок Ромалитико го дефинираше од вкупно 1469 корисници, 800 корисници се полнолетни Роми од Република Македонија кои зборуваат Македонски јазик, имаат пристап до интернет и ја следат работата на Ромалитико, а воедно и општествено-политичките случувања на Ромите во државата. Од оваа рамка, институтот таргетираше примерок од 300 испитаници од кои 130 испитаници ја пополнија оваа анкета. Во процесот на селекција, родовата еднаквост беше запазена со цел да се обезбеди поголема разновидност на податоци поврзани со претстојниот референдум.

Податоците се со веројатност на точност од 95% и со маргина на грешка од +/- 7%.  Релативната стапка на одговори од 44% (response rate) се должи на тоа што ваков тип на анкети претставува нов механизам за ромската популација. Исто така, луѓето често имаат одбивност да одговараат на политички прашања додека пак некои луѓе сметаат дека им се нарушува анонимноста. Со оглед на таргетираниот примерок, одѕивот е релативно умерен и генерира заклучоци врз основа на мал број испитаници од вкупната популација. Сепак овој вид на истражување е неодамна воведен во употреба и може да предизвика ново мерило за различни теми во ромската заедница во Република Македонија, знаејќи дека политичкиот простор и просторот за дебатирање за Ромите во државата е ограничен.

Со оглед на фактот дека ваквиот тип на истражување е претставен како нов механизам за прибирање на податоци кај Ромската заедница, институтот се соочи со ограничувања во одѕивот и доставата на анкетите.

 

 

Анализа

Прв дел: Прашања за демографија

Првото прашање од ова истражување беше: Дали се идентификувате како припадник на ромската заедница? (Наведени опции: Да, Не). На ова прашање од вкупно 130 испитаници, 91.6% одговориле афирмативно, додека пак само 8.4% одговориле негативно на ова прашање. Со ова прашање се дефинира примерокот на испитаници Роми кои се анализирани во прашањата поврзани со референдумот.

Второто прашање од делот на демографија за ова истражување беше поврзано со полот на испитаниците. (Наведени опции: Машко, Женско). На ова прашање, испитаниците беа поделени на 55% машки и 45% женски.

Третото прашање во испитувањето на јавното мислење беше поврзано со географската дистрибуција на испитаниците, односно во која општина живеат испитаниците кои учествуваа во оваа анкета. (Наведени опции: отворено поле за пополнување). Од вкупно 130 испитаници, најмногу испитаници се забележуваат во Скопје. Мора да се напомене дека сите испитаници кои назначија скопска општина, институтот ги филтрираше во општина Скопје. Следна општина со најмногу испитаници е Гостивар со 26 испитаници и Тетово со 15 испитаници од вкупно 130. Покрај овие три општини, двоцифрен број на испитаници има и во Куманово.

Четвртото прашање од оваа анкета беше: Степен на образование? (Наведени опции: Основно образование, Недовршено средно образование, Средно образование, Недовршено високо образование, Високо образование). Од вкупно 130 испитаници, најмногу испитаници се забележуваат со високо образование со 43.8%, следуваат испитаниците со недовршено високо образование со 34.6%, со средно образование се 19.2%, додека пак испитаници со недовршено средно образование на оваа анкета немаше. Само 2.3% од испитаниците имаат основно образование.

Последното прашање од делот демографски прашања беше поврзано со групи на возраст на испитаниците. (Наведени опции: 18-30, 31-45, 46+). Резултатите од оваа анкета покажуваат дека 50% од испитаниците се на возраст од 18 до 30 години. Во групата од 31 до 45 години има 40%, додека пак само 10% од испитаниците се на возраст од 46 години односно постари од 46 години.

 

Втор дел: Прашања за политичката состојба во државата[1]

Првото прашање од вториот дел од анкетата односно шестото прашање гласеше: Колку се интересирате за политика?(Наведени опции: Многу се интересирам, Делумно се интересирам, Малку се интересирам, Воопшто не се интересирам и Не знам). На ова прашање понудени беа 5 опции за одговор од кои најчеста избрана опција за ова прашање беше делумно се интересирам за политика со 44.1%. Следи опцијата многу се интересирам со 35.6%. Додека пак 18.6% од испитаниците Роми одговориле дека малку се интересираат за политика. За опциите воопшто не се интересирам и не знам одговориле ист број на процент од испитаниците односно 0.7%. Резултатите на ова прашање генерираат заклучок дека испитаниците Роми се интересираат за политика, односно речиси 80% од испитаниците имаат основно знаење за политичките случувања во државата.

Второто прашање од овој дел на анкетата беше поврзано со задоволството на испитаниците Роми за степенот на демократија во државата. (Наведени опции: Многу, Делумно, Малку, Воопшто и Не знам). Резултатите за ова прашање покажуваат дека поголем дел од испитаниците Роми се делумно задоволни од степенот на демократија во државата со 55.3%, следна најчесто избрана опција била малку со 30% од испитаниците, додека пак 12.3% од испитаниците воопшто не се задоволни од степенот на демократија во државата. Само 2.3% од испитаниците се многу задоволни од степенот на демократија, а ниеден испитаник не ја избрал опцијата не знам. Од резултатите може да се забележи трендот на делумно односно малку задоволни од степенот на демократија во државата. Додека пак процентот на многу задоволни испитаници од 2.3% загрижува.

Третото и последно прашање од вториот дел на анкетата гласеше: Во која мера се идентификувате со името Република Македонија? (Наведени опции: Во голема мера, Делумно се идентификувам, Во мала мера и Воопшто не се идентификувам). На ова прашање понудени беа 4 опции за одговор од кои испитаниците со мала разлика одговориле за две опции, односно испитаниците делумно се идентификуваат со името Република Македонија со 44.6%, а 41.5% од испитаниците во голема мера се идентификуваат со името Република Македонија. Во мала мера само 13.8% од испитаниците се идентификуваат со името Република Македонија, додека пак ниеден од испитаниците не одговориле дека воопшто не се идентификуваат со името Република Македонија. Резултатите од ова прашање покажуваат дека Ромите имаат поврзаност со името Република Македонија, мала е разликата за одговори кои имаат мала разлика на толкување. Исто така може да се забележи дека мал е делот на Роми кои не би се идентификувале со името Република Македонија.

 

Трет дел: Прашања за интеграција на Република Македонија во ЕУ и НАТО[2]

Првото прашање од третиот дел од анкетата, односно деветтото прашање од анкетата гласеше: Дали го имате прочитано договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција? (Наведени опции: Да, во целост, Да делумно, Сум слушнал/а за договорот од медиуми, Не и Не сум заинтересиран/а). Резултатите за ова прашање покажуваат дека поголем дел од испитаниците Роми делумно го прочитале договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција односно 27.6% од испитаниците слушнале од медиуми за договорот, додека пак 14.6% од испитаниците не го прочитале договорот. Само 11.5% од испитаниците го прочитале договорот, а 2.3% не биле заинтересирани да го прочитаат договорот. Од резултатите може да се забележи дека мала е разликата на испитаници што го прочитале во целост договорот и оние коишто не го прочитале договорот, а речиси половина од испитаниците имаат основни информации за договорот. Исто така се забележува дека медиумите сеуште играат голема улога за информирање и формирање на мислење за одредени општествено-политички случувања во државата.

Второто прашање од третиот дел на анкетата беше поврзано со членството во ЕУ и НАТО. (Наведени опции: Да, Не). Според податоците за ова прашање прикажани во графиконот може да се забележи дека 70% од испитаниците одговориле дека би сакале државата да членува во ЕУ и НАТО, додека пак 30% од испитаниците одговориле дека не би сакале да бидат дел од ЕУ и НАТО. Ваквите резултати на испитаниците Роми, покажуваат голема поддршка за процесот на интеграција на државата во ЕУ и НАТО.

Третото прашање од овој дел на анкетата гласеше: Каде се гледате себеси ако Македонија би станала дел од ЕУ?(Наведени опции: Во Македонија, Влегувањето во ЕУ нема улога во мојата одлука, во некоја друга европска држава и Друго). На ова прашање понудени беа 4 опции за одговор од кои и на ова прашање испитаниците со мала разлика одговориле за две опции, односно испитаниците сметаат дека влегувањето во ЕУ нема да има улога во нивната одлука со 44.6%, а 41.5% од испитаниците себеси се гледаат во Македонија и кога државата би станала дел од ЕУ. Во некоја друга европска држава би заминале само 13.8% од испитаниците, додека пак 0.77% од испитаниците, односно 1 испитаник ја избрал опцијата друго каде што коментирал  Се гледам во европска земја, ама без разлика дали Македонија ќе биде во ЕУ или нема да биде. Не го поврзувам влегувањето на РМ во ЕУ со моето гледање во европска земја.“. Резултатите од ова прашање покажуваат дека Ромите би останале во Македонија иако државата би станала дел од ЕУ, мала е разликата помеѓу опциите кои укажуваат дека Ромите би останале во државата без разлика на исходот дали државата ќе стане дел од ЕУ или не, а тоа укажува дека Ромите се витален дел од македонското општество. Исто така може да се забележи дека мал е бројот на Роми кои би ја напуштиле државата и би се преселиле во друга европска држава.

Четвртото прашање од третиот дел на анкетата беше поврзано со прашањето кое што е дефинирано за претстојниот референдум: Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција? (Наведени опции: За, Против, Нема да излезам на референдум, Немам сеуште став по однос на ова прашање). Според податоците за ова прашање прикажани на графиконот може да се забележи дека 59.2% од испитаниците одговориле дека се за, додека пак 23.8% од испитаниците одговориле дека се против членството во ЕУ и НАТО со прифаќањето на договорот меѓу Република Македонија и Република Грција. Од испитаниците 11.5% нема да излезат на референдумот, а 5.3% сеуште немаат оформено став околу прашањето.

Петтото прашање од овој дел на анкетата гласеше: Кои би биле придобивките од влезот во ЕУ и НАТО? (Наведени опции: Поголема сигурност, Поголеми инвестиции, Подобра перспектива на младите, Поголеми работни можности, Поодговорни институции, Намалување на корупцијата, Поголема отчетност на институциите, Ништо од наведеното, Друго) За ова прашање беа понудени 9 опции при што беа дозволени повеќе одговори. На ова прашање испитаниците сметаат дека најголеми бенефити би ги имале во делот на сигурност со 56.1% и во делот на зголемени работни можности со 55.3%. Мала е разликата, а е близу двете најчесто избрани опции и опцијата за подобра перспектива за младите со 52.3%. Следуваат опциите поголеми инвестиции со 46.9% и опцијата поголема отчетност на институциите со 46.1%. Опциите за намалување на корупцијата и поодговорни институции имаат ист процент 45.3% како преференција на испитаниците како можни придобивки од влезот во ЕУ и НАТО. На крајот останува опцијата ништо од наведеното со 24.6% и испитаници кои одлучиле да одговорат со опцијата друго односно 2.3%. Коментарите за ова прашање во делот друго се: „Сите закони да важат за сите граѓани подеднакво, без олед на вера, нација, етничка припадност, боја на кожа, школска наобразба и слично“ и „Полесно заминување во странство“. Ваквите резултати укажуваат на високите очекувања преку придобивки од страна за Ромите од Македонија како член во ЕУ и НАТО.

Шестото прашање од третиот дел односно четиринаесеттото прашање од анкетата гласеше: Што мислите дека Македонија ќе загуби доколку го промени името? (Наведени опции: Идентитетот, Историјата, Непризнавање на македонското малцинство надвор од Македонија, Јазикот, Позагрозена економија, Позагрозена перспектива за младите, Ништо од наведеното, Друго). За ова прашање беа понудени 9 опции и беа дозволени беа повеќе одговори. На ова прашање најголем дел од испитаниците сметаат дека ништо од наведените опции не би изгубиле доколку државата го смени името со 46.5%. Покрај оваа опција, испитаниците се плашат од поголемо загрозување на перспективата на младите со 33.5%, па следи позагрозена економија со 29.7%. Опцијата Македонија би ја изгубила историјата следи со 26.7%, па опцијата непризнавање на македонското малцинство надвор од Македонија со 24.3%. На крај следат најмалку избраните опции, односно, опцијата јазик 23.6% и опцијата идентитет со 20.6%. Опцијата друго ја избрал 0.7% односно еден коментар „Трошоци“. Трендот на одговорите укажува дека речиси половина од испитаните сметаат дека ништо од наведените причини не би се оствариле ако Македонија го смени името. Покрај ова, поголем дел од испитаниците за најголема загуба ја сметаат перспективата за младите во државата и историјата, додека пак останатите елементи се помалку важни за разлика од претходните два.

Последното прашање од третиот дел а воедно и последно прашање од анкетата беше поврзано со излезеност за денот на референдумот. (Наведени опции: Да, Не и Можеби). Според податоците за ова прашање прикажани во графиконот може да се забележи дека 65.6% од испитаниците одговориле дека ќе излезат да гласаат, додека пак 25.1% од испитаниците одговориле дека нема да излезат. Само 9.1% сеуште не се сигурни дали ќе го искористат своето право за одлучување. Ваквите резултати на испитаниците, покажуваат голема поддршка за процесот на интеграција на државата во ЕУ и НАТО и голем процент на излезеност.

 

Заклучок

Според демографските резултати од ова испитување може да се забележи дека од таргетираната група најголем дел од испитаниците се од 18 до 30 годишна возраст. Релативно е рамномерна разликата во пол, додека пак степенот на образование покажува дека таргетираните профили на испитаници се високо образовани или пак сеуште немаат завршено високо образование. Географската дистрибуција покажува дека најголемиот дел од испитаниците се од Скопје односно скопските општини вклучувајќи ја и општината Шуто Оризари, па следат Гостивар и Тетово заедно со Куманово.

Во првиот дел којшто се однесуваше за политичката атмосфера во државата укажува дека покрај високиот процент на испитаници коишто се интересираат за политика или пак делумно се интересираат за политика, не се целосно задоволни од степенот на демократија во државата. Исто така разликата е голема помеѓу испитаниците коишто одговориле дека се малку задоволни од степенот на демократија и оние коишто целосно се задоволни од истиот. Постои мала разлика помеѓу испитаниците коишто се идентификуваат со името Република Македонија и оние коишто делумно се идентификуваат со истото име. Тоа покажува дека испитаниците не се целосно задоволни од општествените текови во државата.

Вториот дел од испитувањето којшто е поврзан со делот за интеграција на Република Македонија во ЕУ и НАТО укажува дека расположението за интеграција кај испитаните е големо. Генерално, делумно е прочитан договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција, но висок е процентот на испитаници коишто веруваат во интеграција на државата во ЕУ и НАТО. Забележително е тоа што постои околу 10% разлика во прашањата за интеграција во ЕУ и НАТО (70%) и референдумското прашање со промена на името (59.2%). Ваквата разлика укажува на фактот дека не сите што поддржуваат ЕУ и НАТО интеграција го поддржуваат Преспанскиот Договор. И покрај интеграцијата, испитаниците сакаат да останат во Македонија и интеграцијата не им игра улога во одлуката дали ќе останат во државата или ќе се мигрираат во друга европска држава. Во делот на придобивките, најважна е сигурноста, работните можности и перспективата за младите, додека пак најголемите загуби со интеграцијата на државата во ЕУ и НАТО би биле во делот на перспективата за младите, загрозување на економијата и историјата на државата. Во целост, постои расположение за излезеност на референдумот на 30 септември.

Овие податоци претставуваат заклучоци од испитувањето на релативно мал примерок од таргетирана популација која е директно фокусирана на Ромската заедница со цел да обезбеди простор за понатамошна дебата и критички осврт на општествено-политичките случувања во државата. Сепак треба да се има во предвид дека ова истражување не е репрезентативно за цела популација на Роми, но сепак отсликува ставови и мислење на одредена група на Роми кои има слични карактеристики со лицата кои се следбеници на Фан страната на Ромалитико – кои се активни во политичката сфера и кои имаат пристап до интернет.

Во текот на имплементирање на анкетата тимот на Ромалитико наиде на бариери од типот на: недоволен одзив од страна на испитаниците што може да се објасни со фактот дека е нов метод на прибирање на податоци поврзани со политички случувања во државата преку online анкета како и недоверба за анонимноста за анкетата; поради недостаток на податоци не можевме да ја дефинираме општата популација па затоа ја искористивме Facebook страната на Ромалитико со цел да извлечеме соодветен примерок кој би го претставувале генералното мислење на ромската средна класа.

 

Забрането е неовластено објавување, преземање на делови од текстот, репродуцирање и дистрибуција без наведување на изворот на преземање.

 

[1] Во вториот дел на анкетата филтрирани се испитаниците и само одговорите на Ромите се земени во предвид – Вкупно 120 испитаници Роми.

[2] Во третиот дел на анкетата филтрирани се испитаниците и само одговорите на Ромите се земени во предвид – Вкупно 120 испитаници Роми.

Прикажи Повеќе
Close